Тинекс Пролет ја забележа и втората победа од стартот на сезонава, славејќи на домашен терен над Еурофарм Пелистер 2 со резултат 28-22. Триумфот е апсолутно заслужен со оглед на контролата над резултатот во речиси целиот меч, пред се благодарение на фантастичната игра во одбрана што ја прикажаа домашните ракометари.
Натпреварот почна со ефикасна игра на двете страни, при што и Тинекс Пролет и Еурофарм Пелистер 2 лесно ги реализираа своите напади. Гостите во неколку ситуации имаа по еден гол предност, а Тинекс Пролет првото водство го имаше по голот на Аларов за 5-4. Веднаш потоа следеше исклучување на Пецаковски по кое битолчани го свртеа резултатот во своја полза и поведоа со 5-7, во 13. минута од мечот.
Токму од тој момент Тинекс Пролет заигра далеку подобро во одбраната, извонредно беа затворани приодите кон голот на Петковски и изнудувани грешки од противниците. Гостите нецели 10 минути беа без постигнат погодок, период во кој Тинекс Пролет ја презеде контролата и поведе со 11-7. До крајот на полувремето имаше исклучувања на Џонов и на Јагуриновски, но одличен во нападот беше Василевски, кој со неколку проектили од девет метри донесе предност од 14-11.
Фуриозната игра продолжи и на стартот од вториот дел, во кој Василевски погоди за 15-11, а добрата одбрана овозможи и голови на спротивната страна, па по погодокот од контранапад на Џонов за 18-11, гостинскиот тренер Јовиќ беше принуден да побара тајмаут во 35. минута од дуелот.. Битолчани се обидоа и со „седум на шест“, но одбраната функционираше одлично и одговори и на овој предизвик. Кон средината на второто полувреме дојде до мал пад во играта во напад, а гостите го искористија тоа и намалија на 21-18, по што Лембанов мораше да побара минута одмор.
По тајмаутот Тинекс Пролет тргна со „седум на шест“, по што капитенот Ласко Андоновски постигна одличен гол под гредата. Сигурноста во нападот се врати, повторно профункционира и одбраната, па избраниците на Лембанов заслужено го добија овој натпревар со конечни шест гола разлика.
Џонов и Димов со по пет гола беа најефикасни во таборот на Тинекс Пролет, додека по четири погодоци постигнаа Василевски, Андоновски, Јагуриновски и Палевски.