Тинекс Пролет претрпе пораз од 24-27 на вториот натпревар против Базел што нашиот клуб го одигра на мини-подготовките во Врање. Во дуел што многу наликуваше на вчерашната прва средба меѓу истите ривали, првото полувреме мина во тактичко надмудрување на двете страни, за Швајцарците со нешто подобро издание во второто полувреме да стигнат до победата.
Тренерот Лембанов го искористи и денешниот натпревар за да ја увиди формата на сите ракометари, а во првото полувреме се водеше израмнета борба и на одмор се замина со резултат 15-15. Второто полувреме донесе нешто послаба реализација во нападот, па откако постигнавме само девет гола за 30 минути игра поразот беше неизбежен.
Без оглед на двата порази од Базел, ова е само старт на подготвителните натпревари, а најважно е што во тимот владее одлична атмосфера во пресрет на стартот од новата сезона, закажан за почетокот на наредниот месец.
Следен противник на Тинекс Пролет во летните подготовки ќе биде белградски Партизан, меч што ќе биде одигран на 23 јуни како дел од меѓународниот турнир во Охрид.