Кадетскиот тим на Тинекс Пролет го освои четвртото место на меморијалниот турнир „Марко Божиновски“ што во изминатите денови се одржуваше во Скопје. По пласманот на фајналфор турнирот од домашното првенство, кадетите на Тинекс Пролет повторно се прикажаа во добро светло, одиграа допадлив ракомет освојувајќи ги симпатиите на гледачите на трибините на отвореното игралиште на Спортскиот Центар „Марко Божиновски“ во скопската населба Ново Лисиче.
Избраниците на тренерот Лембанов одлично го почнаа настапот на овој турнир, триумфирајќи над Вардар со 35-30. Следеше уште една скопска пресметка, овојпат против Бутел, дуел на кој нашите кадети загубија со 32-36.
Утрово Тинекс Пролет се сретна со Војводина, при што српскиот тим стигна до убедлива победа од 40-27. Согласно пласманот по групите, нашите кадети вечерва играа против Голден Арт во дуелот за третото место, драматичен меч што противникот го доби дури по подобро изведување на пенали. Тинекс Пролет покажа карактер, успевајќи да се врати од негатива од осум гола, стигна до израмнување од 27-27, но во пенал-рулетот среќата не им беше наклонета на нашите млади ракометари, кои го загубија мечот со конечни 30-31.
За Тинекс Пролет беше чест да биде дел од овој одлично организиран турнир, со надеж дека и во наредните години ќе учествуваме на ова натпреварување во чест на прерано починатиот Марко Божиновски.