Тинекс Пролет ја забележа и петтата победа во низа од стартот на плејаут натпреварувањето, откако денеска рутински славеше на гостувањето против Радовиш со 21-29, за зацврстување на првото место на табелата. Радовиш очекувано не беше достоен ривал за избраниците на Лембанов, кои уште во раната фаза создадоа одлична предност што ја претворија во рутински бодови.
Почетната негатива од 2-0 експресно беше претворена во убедлива предност, откако Тинекс Пролет по само десетина минути игра поведе со 2-6. Во главна улога во овој период беа Димов и Аларов, кои постигнаа пет од шесте погодоци на скопскиот клуб, трасирајќи го патот до победата. Цврстата одбрана беше заштитен знак на Тинекс Пролет во првото полувреме, принудувајќи ги домаќините на загубени топки што беа претворени во рутински погодоци на спротивната страна. Џонов беше меѓу најефикасните во вториот дел од првото полувреме, со три погодоци во ток од десетина минути, за водство на Тинекс Пролет од 8-15 по 30 минути игра.
Подобрата игра на самиот старт од второто полувреме донесе и најубедливи девет гола предност (11-20), но потоа следеше до голем пад во играта на Тинекс Пролет. Домаќините го искористија тоа и на седум минути до крајот намалија на 20-23, пред нивниот налет со два гола да го запре капитенот Ласко Андоновски. Самодовербата во таборот на Тинекс Пролет повторно беше на највисоко ниво, голманот Петковски одбрани неколку шутеви на домаќините, на спротивната страна беа постигнати рутински погодоци, за конечни 21-29 со седмерецот на Пецаковски со звукот на сирената.
Пецаковски со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, шест погодоци постигна Мартин Димов, а по трипати прецизни беа Аларов, Андоновски и Џонов.
Тинекс Пролет по првите пет кола во плејаут-лигата се наоѓа на чело на табелата со 20 бода, дури девет повеќе од второпласираната Струга, на која нашиот тим и гостува во рамките од следната рунда.