Тинекс Пролет го задржа стопроцентнио ефект во плејаут натпреварувањето откако вечерва без многу мака триумфираше на гостувањето против Скопје со убедливи 25-35. Тренерот Лембанов не можеше да смета на Голубовиќ поради болест, но во тимот се врати Аларов, кој ги надмина проблемите со повредата. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Тинекс Пролет речиси цел меч беше во водство, a екипата со настапот во текот на сите 60 минути покажа максимално професионален пристап.
Почетните минути изминаа во цврста игра во одбраната на двата тима, при што на голот на Тинекс Пролет одлична интервенција при контранапад на противникот имаше голманот Јане Цветковски. Избраниците на Лембанов поведоа со 1-3, но по еден неуспешен обид за контранапад и уште поубедливо водство, Скопје успеа да се врати и да го сврти резултатот во своја полза. Десетина минути се играше гол за гол, по што Тинекс Пролет влезе во ритам и со голот на Пејовиќ повторно стигна до „плус два“ (8-10).Одличната одбрана овозможи серијата голови да продолжи, па и покрај тајмаутот на домашниот стручен штаб нашиот тим поведе со убедливи 8-14. Скопје до крајот на полувремето успеа да ја консолидира својата игра, па на одмор се замина со водство на Тинекс Пролет од 11-15, по успешно реализираниот пенал на домашниот состав.
Вториот дел го почнавме со водство од 12-17, Скопје само за момент намали на 15-18, но добрата одбрана овозможи брзи голови на спротивната страна, па по контранападот на Давор Палевски составот на Тинекс Пролет поведе со најубедливи 15-21, принудувајќи ја Адријана Будимир да побара нов тајмаут.. Советите на домашниот стручен штаб не дадоа преголем плод, Пролет продолжи да доминира, па со голот на Џонов поведе и со осум гола предност (16-24).
Доминацијата продолжи, па со голот на Димов во 57. минута стигна и првото двоцифрено водство за Тинекс Пролет (21-31), за избраниците на Лембанов на крајот да слават со конечни 25-35.
Давор Палевски беше најефикасен во редовите на Тинекс Пролет со седум гола, шест постигна Џонов, додека по пет пати прецизни беа Пејовиќ и Димов.