Тинекс Пролет го задржа стопроцентниот ефект од стартот на плејаут-натпреварувањето, лесно славејќи на гостувањето против Прилеп со 20-24. За разлика од дуелот во првиот дел од сезоната на кој беа непријатно изненадени, овојпат ракометарите на Тинекс Пролет беа максимално фокусирани од почеток до крај, одиграа на високо ниво во одбраната и не дозволија триумфот да биде доведен во прашање.
Пристапот беше на највисоко ниво уште од самиот почеток, кога Тинекс Пролет набрзина поведе со 3-7. Благодарение на добрата игра на бековите ваквата предност се одржуваше (7-11, 9-13), но малиот пад на концентрацијата им овозможи на прилепчани на одмор да заминат со само два гола негатива 12-14. Вториот дел мина во знакот на десното крило Мартин Димов, кој постигна шест погодоци во овој период и не дозволи изненадување. Прилепчани само за момент се приближија на еден гол негатива, но во завршницата профункционира одбраната на чело со голманот Петковски, во нападот значајни голови постигнаа Џонов и Димов, за заслужен триумф на Тинекс Пролет.
Мартин Димов го заврши мечот со седум гола, најмногу за него оваа сезона, Џонов постигна пет погодоци, а Голубовиќ и Пецаковски по трипати ги совладаа домашните голмани.