Тинекс Пролет не успеа да го мине полуфиналето во групната фаза од Купот на Македонија откако избраниците на тренерот Лембанов загубија со убедливи 20-28 на домашен терен од вториот тим на Еурофарм Пелистер. Ова беше без дилема најслабиот натпревар на Тинекс Пролет во последните години, меч што го одбележа недоволна желба за игра против квалитетен ривал. Отсуствата на Пецаковски и на Аларов никако не смеат да бидат изговор, Купот на Македонија требаше да биде натпреварување кое ќе биде светла точка по неуспехот за пласман во плејофот, но наместо тоа се претвори во нов кошмар за клубот.
Првите петнаесетина минути од дуелот во „Македонско Сонце“ минаа во израмнета битка, одбраната на чело со Петковски делуваше одлично, а по головите на Џонов домашниот состав стигна и до водство од 7-6. Потоа дојде до голем пад во нападот по неколкуте одбранети топки од гостинскиот голман Трајковски, а Еурофарм Пелистер 2 го искористи тоа за на одмор да замине со водство од 8-11.
Наместо камбек, вторите 30 минути донесоа кошмарен ракомет на Тинекс Пролет, Лембанов и неговите избраниции делуваа безидејно, додека младите битолски ракометари ја полнеа мрежата на Петковски, потоа и на Цветковски. На половина од второто полувреме гостите имаа преубедливи „плус десет“ (14-24), негатива што Тинекс Пролет успеа само за малку да ја намали до конечните 20-28.