Тинекс Пролет не успеа да триумфира на гостувањето против Охрид, губејќи го мечот со 23-20, резултат со кој на минимум се сведуваат шансите за пласман на нашиот клуб во плејофот и разигрувањето за највисок пласман во домашниот шампионат. Избраниците на Лембанов беа подобар противник во поголемиот дел од мечот, го контролираа резултатот се до шест минути до крајот, но конечниот исход сепак останува крајно разочарувачки за Тинекс Пролет.
Ракометарите на Пролет тргнаа фуриозно, одбраната функционираше беспрекорно, Јане Цветковски влезе во серија на одбрани, а ефикасниот напад донесе брзо водство од 2-6. Ситуацијата на теренот се промени по тајмаутот што го зеде домашниот тренер, па Охрид набрзина израмни на 6-6, до крајот играјќи „гол за гол“ и на одмор заминувајќи со изрманети 10-10.
Тинекс Пролет беше подобар ривал и на стартот од второто полувреме, во кое Андоновски украде топка, изнуди пенал и исклучување, па скопскиот суперлигаш во неколку наврати имаше „плус два“. Охрид се врати и стигна до израмнување од 17-17, но Јане Цветковски блесна во вистински момент за Пролет, бранејќи пенал при водство од 17-18. Домашните ракометари повторно влегоа во мини-серија и со пеналот на Шилегов поведоа со 19-18, прво водство на охриѓани на натпреварот дури во 53. минута.
Голманот Брауновиќ блесна кога беше најзначајно за охриѓани со две интервенции при „плус еден“ за домашниот тим. Последната шанса беше пропуштена кога беше досуден пенал при 21-19 и двајца играчи повеќе на Тинекс Пролет, но Палевски не го реализираше седмерецот, по што Охрид го приведе мечот до крај и конечните 23-20.
Давор Палевски и покрај двата нереализирани пенали беше прв стрелец на Тинекс Пролет на оваа средба со шест постигнати гола, додека по три погодоци постигнаа Пецаковски и Голубовиќ.