Тинекс Пролет освои еден бод на гостувањето против Тиквеш (25-25), во последниот натпревар што нашата екипа го одигра во оваа 2021 година. Она што радува е покажаниот карактер и камбекот по негативата од пет гола на стартот од второто полувреме, но останува тагата што не беше освоен цел плен на ова тешко гостување против директен ривал за влез во плејофот, со оглед на фактот дека во последната минута во два наврати имавме предност од „плус еден“ што не успеавме да ја задржиме.
Тинекс Пролет набрзина со 0-2 благодарение на двата гола на капитенот Ласко Андоновски, но Тиквеш веднаш се врати и стигна до предност од 3-2. Андоновски беше единствениот расположен за игра на почетокот во нападот на Пролет, со голови и асистенции одржуваше неизвесност во првата половина од првото полувреме, по што Тиквеш почна резултатски да се одлепува. Симиќ беше во главна улога во нападот на кавадарчани, кои поведоа и со 13-10, резултат при кој тренерот Лембанов го побара првиот тајмаут. Веднаш по тајмаутот следеше промашен пенал на Пролет, по што Тиквеш дополнително ја зголеми предноста и на одмор замина со водство од 16-12, откако голот на Димов со звукот на сирената беше поништен поради престап.
Тиквеш поведе со 17-12 на самиот стартот од вториот дел, но Тинекс Пролет заигра подобро во продолжението, најпрвин намали на 17-15, а потоа со ефикасна игра во нападот се приближи на само еден гол разлика (20-19), принудувајќи го домашниот стратег Андоновски на тајмаут. Советите вродија со плод, Тиквеш експресно поведе со 23-19, но гостите од Скопје повторно се вратија. Пролет се приближи на 23-21, резултат при кој скопјани не реализираа пенал преку Палевски, кој беше запрен од резервниот голман Велков.
Палевски беше прецизен во следната акција, кога рутински стрелаше во празна мрежа, намалувајќи на 23-22 на седум минути до крајот. Една минута подоцна прецизен беше и Голубовиќ, кој реализираше од десен бек за 23-23, за нов тајмаут на тренерот на Тиквеш. Одличната одбрана на скопјани им создаде многу проблеми на кавадарчани, кои десетина минути не постигнаа гол, па Аларов на спротивната страна погоди за водство на Пролет од 23-24.
Гостите промашија и напад за „плус два“, по што последните 90 секунди од мечот ги одиграа со ракометар помалку по исклучувањето на Џонов. Тиквеш го искористи тоа за конечно да постигне гол преку крилото Темелковски, за 24-24 на една минута до крајот. Димов во драматичната завршница реализираше за 24-25, но Тиквеш веднаш возврати преку Симиќ. Последните десетина секунди минаа без шут кон противничкиот гол, па овој драматичен дуел заврши 25-25.