Тинекс Пролет не успеа да стигне до посакуваниот резултат на дуелот со Еурофарм Пелистер 2,што избраниците на тренерот Лембанов вечерва го загубија со резултат 29-32. Без оглед на напредокот на играта во однос на последните натпревари, изданието на ракометарите на Тинекс Пролет не беше доволно за да се стигне до бодови против младиот и полетен битолски состав.
Самиот почеток донесе проблеми во нападот, Тинекс Пролет првиот гол на мечот го постигна во 5. минута преку Аларов, но потоа се влезе во посакуваниот ритам во нападот и лесно се наоѓаше патот до мрежата на голманот Трајковски. Еурофарм Пелистер 2 сепак го контролираше резултатот одржувајќи минимално водство во првите петнаесетина минути. Доне Мајнов од пенал донесе прва предност на Тинекс Пролет од 10-9, неколку минути подоцна Палевски украде топка и погоди за 12-11, но финишот на полувремето мина во знакот на гостите, кои на одмор заминаа со минимална предност од 15-16.
Клучната предност гостинските ракометари ја направија на почетокот од вториот дел, кога одиграа цврсто во одбраната, беа ефикасни и во нападот, поведувајќи со 17-21 пред тренерот Лембанов да побара тајмаут. Голманот Петковски даде гол од својот шестерец и за момент ја прекина серијата на Еурофарм Пелистер 2, но во 45. минута со иста мера возврати гостинскиот голман Трајковски, реализирајќи за водство на гостите со 21-25.
Тинекс Пролет не се предаде, домашните ракометари во неколку наврати стигнуваа до „минус два“, за со головите на Голубовиќ и на Аларов да дојде и на еден гол разлика (27-28), на седум минути до крајот. Цветан Кузманоски со осмиот реализиран пенал стрелаше за „плус два“ за Еурофарм2, со иста мера од седум метри на спротивната страна одговори Палевски. Домаќините последната шанса ја пропуштија кога при 28-29 најпрвин судиите не досудија чист седмерец, за потоа да следи загубена топка по што битолчани лесно реализираа од контранапад за трасирање на патот до победата.
Палевски со осум гола беше прв стрелец на натпреварот кај Тинекс Пролет, шест постигна Голубовиќ, четири погодоци постигна Аларов, а по трипати прецизни беа бековите Џонов и Андоновски.
Во последното коло од оваа 2021 година тимот на Тинекс Пролет в недела ќе му гостува на Тиквеш во Кавадарци.