Предизвиците за Тинекс Пролет продолжуваат, во наредните осум дена нашиот тим ќе ги одигра последните три меча во 2021 година, како продолжение на трката за обезбедување на место во плејофот од домашниот шампионат. Првиот од трите дуели го играме вечерва во 18.30 часот, на гостински терен против Прилеп. Првиот дуел со Прилеп го добивме со 31-28, но тоа беше натпревар во кој Тинекс Пролет доминираше во првиот дел, славејќи со преубедливи 19-9, за гостите до крајот да се изборат за поднослив пораз.
Денешниот дуел ќе биде втор меч на клупата на Тинекс Пролет за Алексо Лембанов, кој минатиот викенд имаше триумфално деби откако на кормилото го наследи Андон Бошковски. Капитенот на Тинекс Пролет, Ласко Андоновски, предупредува дека прилепчани никако не се наивни противници, а бодови на ова незгодно гостување може да се освојат само со максимално залагање од првата до последната минута.
„Тој прв натпревар ни е доволно предупредување, ако играме како што знаеме и наметнеме темпо можеме да стигнеме до победата. Од друга страна, ако се опуштиме, Прилеп на првиот меч во Скопје докажа дека може лесно да влезе во серија и да ни ги замрси сметките. Со триумфот над Скопје си ја вративме самодовербата, но јасно ни е дека мораме да одиграме максимално на овие три натпревари, кои се многу важни во борбата за влез во плејофот. Подготвени сме за предизвикот, посакуваме максимални три победи, но погледите моментно ни се насочени само кон Прилеп“, изјави Андоновски.