Тинекс Пролет се врати на победнички патеки во Супер-лигата, по денешниот триумф на домашен терен над Скопје со 34-26. Трите порази во низа беа доволна мотивација за да се прекине серијата слаби игри и резултати, тренерот Лембанов имаше успешно деби, за враќање на самодовербата пред неколкуте важни натпревари што следат.
Тинекс Пролет беше подобар тим она почетокот од мечот, отвори со брзо водство од 2-0, но гостинските ракометари јасно покажаа дека немаат намера да се предадат без борба. Најубедливто водство во првиот дел беше 7-4, но Скопје успеа да се врати и за момент да поведе со 8-9. Лембанов побара тајмаут, веднаш потоа Џонов и Голубовиќ постигнаа по три гола до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со водство од 16-14.
Домаќините го отворија подобро и второто полувреме, набрзина стигнувајќи и до најубедливи пет гола разлика (21-16). Скопје намали на 21-18, но капитенот Ласко Андоновски погоди во вистински момент, враќајќи ја самодовербата и не дозволувајќи гостите целосно да се вратат во мечот. Лембанов побара тајмаут при водство од 25-20, по што веднаш следеа уште три брзи гола и водство од убедливи 28-20. Доминацијата продолжи до самиот крај, преку Доне Мајнов домашните ракометари во 56. минута поведоа со двоцифрена предност (33-23), за Пролет на крајот да триумфира со конечни 34-26.
Иван Џонов одигра одлично и со девет гола беше главна фигура на овој натпревар, Палевски реализираше шест, а Голубовиќ пет погодоци за Тинекс Пролет.
Тинекс Пролет во следното коло ќе му гостува на тимот на Прилеп.