Тинекс Пролет го претрпе и третиот пораз во низа во Супер-лигата откако избраниците на Андон Бошковски загубија на домашен терен од Металург со 29-31. Најавите за подобра игра во однос на претходниот дуел со Бутел не се реализираа, Тинекс Пролет повторно беше далеку под своето препознатливо ниво, а составот на Металург знаеше како да го искористи тоа и да стигне до триумф со кој се реваншираше за нашата победа во Автокоманда во првото коло од сезоната.
Златко Хорват од самиот почеток го диктираше темпото во нападот на Металург, а Бошковски не најде одговор за хрватскиот ветеран кој до 15. минута веќе имаше шест постигнати погодоци. Стратегот на Тинекс Пролет побара тајмаут при 3-6, но домашниот состав успеа да се врати дури откако противникот поведе со 5-9, користејќи ја предноста од двајца играчи повеќе по исклучувањата на Лазаревски и на Озтурк. По израмнетите 9-9 следеше исклучување на Џонов по кое Металург повторно ја презеде контролата, на одмор заминувајќи со убедливи 13-16.
Гостите умешно ја одржуваа предноста и во голем дел од второто полувреме, за Тинекс Пролет конечно посериозно да се приближи во последните дестина минути. Бошковски зеде тајмаут при 24-27, следеа два брзи гола за 26-27, но Тинекс Пролет потоа лесно ја загуби топката во нападот што можеше да донесе израмнување. Гостинските ракометари знаеја како да го искористат тоа,до крајот на мечот ја одржуваа минималната предност, со седмерец во последните секунди ставајќи печат на триумфот, за конечни 29-31.
Дејан Пецаковски со седум гола беше најефикасен во таборот на Тинекс Пролет, по шест реализираа Додевски и Голубовиќ, додека трипати прецизен беше капитенот Ласко Андоновски.