Ракометарите на Тинекс Пролет максимално мотивирани го очекуваат денешниот домашен дуел против Металург (18 часот, сала „Македонско Сонце“), на кој Андон Бошковски и неговите избраници имаат за задача да го поправат впечатокот по заслужениот пораз од Бутел и експресно да се вратат на победнички патеки во Супер-лигата.
Тинекс Пролет во првото коло од новата сезона на гостински терен го совлада Металург со 22-24, па има можност денеска повторно да го земе скалпот на екс-шампионот, со што воедно и би ги отпишал „металурзите“ од борбата за влез во плејофот.
„Почнува вториот круг од Супер-лигата, а нашите желби и амбиции се добро познати - влез во плејофот, а потоа и борба за излез во Европа. Свесни сме за значењето на дуелот, по поразот од Бутел не смееме да си дозволиме нов неуспех на домашен терен и ќе дадеме се од себе за да го совладаме Металург. Знаеме каде грешевме на последната средба, верувам дека ќе ги корегираме тие недостатоци и на крајот ќе се радуваме на победата“, изјавува капитенот Ласко Андоновски.
Противникот се соочува со сериозни финансиски проблеми поради кои неколку дена ракометарите на Металург воопшто не тренираа, но тоа не смее да влијае врз фокусираноста на играчите на Тинекс Пролет.
„Она што се случува во Металург е нивна работа, не се сомневам дека денеска тие ќе излезат на терен желни за добра игра и победа. Затоа, наше е да останеме фокусирани од првата до последната минута, во ниту еден момент да не го потцениме противникот без оглед на состојбата во која се наоѓа. Тоа е единствениот начин да стигнеме до посакуваните бодови“, порачува Андоновски.