Иван Џонов ги надмина проблемите со повредите што го мачеа во изминатата сезона, па одличниот бек добива се позначајна улога во тимот на Андон Бошковски во Супер-лигата. По исклучувањето на Палевски на дуелот со Тиквеш тој беше прекомандуван на позицијата лево крило на која настапуваше пред две години, при што Џонов сосема добро ги заврши задачите дадени од стручниот штаб.
Најважно сепак е што Тинекс Пролет забележа триумф и експресно се врати на победничките патеки, останувајќи во горниот дел од табелата.
„Одигравме квалитетен натпревар во кој од почеток до крај го контролиравме резултатот и заслужено стигнавме до победата. Пресудна беше нашата борбеност, со која наметнавме силно темпо што противникот не можеше да го издржи. Според мене, овој тим на Тинекс Пролет поседува квалитет што е несомнен, но натпревари не се добиваат само на квалитет, мора да се борите од почеток до крај на секој натпревар. Тоа беше лекција што ја научивме на дуелот во Битола со Еурофарм Пелистер 2, но одлично е што експресно реагиравме, ги отстранивме тие слабости и против Тиквеш влеговме во посакуваниот ритам. Знаеме дека можеме да играме уште подобро, но сезоната е долга и важно е што ја стартувавме со добри резултати“, изјави Џонов.
Следен предизвик за Тинекс Пролет ќе биде гостувањето против Струга што на програмата е наредниот викенд.
„Тоа е меч на кој исто така ќе одиме да победиме. Го почитуваме противникот, знаеме дека може да ни создадат многу проблеми ако не одиграме максимално, затоа и мораме да бидеме стопроцентно мотивирани од почеток до крај. Имаме сосема доволно време за добро да се подготвиме, да подобриме некои детали во нашата игра, потоа и тактички да го анализираме противникот и верувам дека на крајот ќе успееме да стигнеме до нов триумф“, оптимист е Иван Џонов.