Тинекс Пролет ја забележа и втората победа во подготовките за новата сезона, откако избраниците на Андон Бошковски по тешка борба славеа над Еурофарм Пелистер 2 со резултат 34-33. За Тинекс Пролет на овој натпревар поради ситни повреди не настапија Жарко Пејовиќ и Михаил Аларов, но и без овие двајца клучни ракометари успеавме да стигнеме до победа.
Како и на првиот меч со Прилеп, брзата игра и ефикасниот напад беа главна одлика во играта на Тинекс Пролет, нешто по што се очекува нашата екипа да биде препознатлива во текот на новата сезона. Почетокот мина во знакот на Пролет, откако набрзина се стигна до водство од 7-4, но противникот од Битола успеа да се врати и на одмор се замина со израмнети 17-17. Егал-меч можеше да се проследи и во второто полувреме, во 45. минута резултатот гласеше 26-26, за Тинекс Пролет да одигра за нијанса подобро во самата завршница и на крајот да стигне до минимална победа.
До патувањето во Шпанија и двомечот со Гранолјерс во рамките од квалификациите за Лигата на Европа, нашиот тим ќе одигра уште еден контролен натпревар, со скопскиот ривал Бутел.