Извонредната игра во одбраната во второто полувреме и фантастичниот Ласко Андоновски во нападот во клучните моменти беа пресудни за Тинекс Пролет да слави на гостувањето против Охрид со резултат 21-22, стигнувајќи до три бода со кои нашиот клуб се зацврсти на третото место на табелата во плејофот. Не само што со иста мера му се одмаздивме на незгодниот противник, туку со оваа победа и дефинитивно го исфрливме Охрид од листата на директни конкуренти во трката за излез во ракометна Европа.
Мечот беше суперинтересен и неизвесен, од самиот почеток стана јасно дека екипите ќе имаат проблем да се одлепат резултатски. Охрид и Тинекс Пролет наизменично се менуваа во водство во почетните минути, а неколкуте технички грешки на нашиот тим во финишот од полувремето му овозможија на Охрид да замине на одмор со убедливи три гола разлика 11-8. Домашните ракометари на стартот од вториот дел стигнаа и до 12-8, но како што одминуваше времето, така и нивната предност се топеше
Цврстата одбрана овозможи и неколку лесни погодоци на спротивната страна, а охриѓани и покрај земениот тајмаут на тренерот Раде Стојановиќ не успеваа да влезат во посакуваниот ритам. Петар Ангелов бранеше одлично, па во периодот од 45.до 58. минута искусниот голман ниту еднаш не ја вадеше топката од сопствената мрежа, период во кој Тинекс Пролет направи целосен пресврт.
Пролет поведе со 17-20 на неполни три минути до крајот., но тоа беше само почеток на возбудувањата во супердраматичниот финиш Манасков експресно погоди, а на спротивната страна Пецаковски по загубената топка доби исклучување од две минути, по што Охрид експресно се приближи на 19-20. Ласко Андоновски погоди за 19-21 и се чинеше дека се е готово, но домаќините еповторно покажаа карактер и израмнија на 21-21, максимално користејќи ја загубната топка на Потиќ.
Сепак, гога беше најважно, одговорноста ја презеде капитенот Андоновски, кој со нов гол по соло-акција донесе огромна победа со која Тинекс Пролет направи џиновски чекор за обезбедување на место во европските купови за наредната сезона.
ОХРИД - ТИНЕКС ПРОЛЕТ 21-22 (11-8)
ОХРИД: Брауновиќ, Андоноски 3, Ивановски 2, Блажески 1, Чагаљ 1, Костов, Иваноски, Соколов, Младеновиќ 2, Тасески, Манасков 7, Ристески, Димитриески, Тот 2, Даниловски.
ТИНЕКС ПРОЛЕТ: Ангелов, Цветковски, Аларов 3, Давитковски, Пецаковски 2, Донев, Додевски, Димов 2, Андоновски 5, Џонов 1, Мајнов, Дамчевски, Палевски 2, Потиќ 3, Пејовиќ 4.