Тинекс Пролет го стартуваше овосезонскиот плејоф со голема победа над Металург, со што нашиот тим влезе во серија добри резултати и моментно се наоѓа на третата позиција на табелата по седум одиграни кола. Денеска пред избраниците на Тинекс Пролет е нов дуел со скопскиот ривал (17 часот, сала Автокоманда, директен пренос на МТВ3), меч на кој триумф широко би ги отворил вратите кон остварување на зацртаната цел - излез во ракометна Европа.
„Одигравме одличен меч во првото коло и заслужено победивме, се надевам дека тоа ќе го повториме. Металург е фаворит, но ние немаме намера да се предадеме, ќе дадеме се од себе бидејќи знаеме колку е важен овој натпревар за нас. На стартот на сезонава зацртавме дека сакаме да обезбедиме излез во Европа, се движиме на тој пат и се надевам дека до крајот на сезонава ќе го оствариме она што сите го посакуваме“, изјавува Петар Ангелов во пресрет на денешниот дуел.
Искусниот голман со респект гледа на денешниот ривал, кој игра во се подобра форма по оној пораз во првото коло.
„Нема сомнеж дека Металург има квалитетен состав, кој од меч во меч игра се подобро под водство на новиот тренер. Добро се покриени на сите позиции, бековите им се добри шутери, така што сигурно опасноста ќе доаѓа од повеќе страни, не може да се издвои една клучна работа што ќе треба да ја неутрализираме за да победиме. Сепак, добро се подготвувавме за овој меч, верувам дека ќе одиграме квалитетен натпревар и ќе дојдеме до посакуваниот резултат“, оптимист е Ангелов.