Тинекс Пролет e подготвен за атак на места кои водат во ракометна Европа за наредната сезона. Токму за остварување на таа цел денеска е донесен нов ракометар, па Тинекс Пролет ќе влезе во вториот дел од оваа натпреварувачка сезона засилен за Никола Потиќ, искусен десен бек кој денеска потпиша договор со нашиот клуб. Потиќ е српски интернационалец (27 години, 203 сантиметри) кој пристигнува од редовите на Металург и ќе биде големо засилување за нашиот тим на позицијата десен бек.
Станува збор за искусен ракометар кој е „дете на белградски Партизан“. Србинот во сезоната 2016/2017 беше вкупно 11. стрелец во шпанската АСОБАЛ-лига, носејќи го дресот на Балонмано Кангас. Потоа тој настапуваше и за хрватскиот првак Загреб, во Германија ги бранеше боите на Либек, пред да се пресели во мак-ракометот на почетокот од оваа сезона.Потиќ ги мина сите младински категории во српската репрезентација, настапувајќи и за сениорскиот национален тим на баражот за СП 2019 против Португалија.
„Од она што го видов на контролата пред стартот на сезонава, Тинекс Пролет се покажа како добар противник. Знам дека сега се засилени, згора на тоа и уште подобро воиграни и мислам дека овој тим ќе има што да каже во клучниот дел од сезоната. Задоволен сум што дојдов тука, ни се поклопија визиите со раководството кое сака да излезе во Европа, а јас верувам дека можам да помогнам тоа да се оствари. Од понеделник почнувам да тренирам со екипата, па тогаш ќе се запознаам со момците и ќе можам да кажам повеќе конкретни работи за клубот“, истакнува Потиќ.
Српскиот десен бек е оптимист дека Тинекс Пролет ќе успее да се најде меѓу екипите кои ќе обезбедат излез во ракометна Европа.
„Искрено верувам дека можеме да стигнеме до она што е зацртано како цел. Вардар и Еурофарм Пелистер се напред, но сега гледаме што се случува во Металург, како се откажува од странците, па на мојот довчерашен клуб веќе не му е сигурно ниту тоа трето место. Конкуренцијата не е мала, тука се неколку екипи, но Тинекс Пролет дефинитивно има квалитет за да излезе во ракометна Европа“, оптимистичко е расположено најновото засилување на нашиот клуб.