Тинекс Пролет во голем стил го заврши настапот во Супер-лигата, триумфирајќи со убедливи 34-20 на дуелот против Јуниор Кисела Вода. Ангелов и Палевски повторно не беа во составот, а тренерот Матлиески им даде шанса на младите ракометари кои макимално ја оправдаа неговата доверба, на крајот радувајќи се на заслужена убедлива победа. Со овој триумф беше ставен печат на Супер-лигата, во која Тинекс Пролет рутински обезбеди пласман во плејофот од ракометното првенство на Македонија.
Денешниот натпревар беше израмнет помалку од десетина минути. Гостите од Кисела Вода парираа само до 5-4, по што Тинекс Пролет постигна четири гола во низа, резултатски се одлепи и до крајот не му дозволи на противникот да се понадева на изненадување. Одличен во тие почетни десетина минути беше Димов, а потоа во ритам влезе младиот Бојан Јовановски, кој го заврши првото полувреме со шест постигнати погодоци.
На одмор се замина со убедливи 17-10 за Тинекс Пролет, но избраниците на Матлиески не застанаа, продолжија со фуриозна игра и со голот на Додевски во 33. минута стигна и до првото двоцифрено водство (20-10). Остатокот од мечот беше рутина за домашниот состав, кој и со значително подмладен тим ја оправда фаворитската улога, за конечни 34-20.
Јовановски беше најефикасен со девет постигнати гола, пет постигна Мелоски, а по четири пати прецизни беа Додевски и Димов.