Жарко Пејовиќ пристигна како големо засилување за Тинекс Пролет и црногорскиот репрезентативец веднаш почна да ги оправдува очекувањата, постигнувајќи девет погодоци во триумфот над Радовиш со кој нашиот клуб го осигура учеството во плејофот. Станува збор за играч кој пред десет години беше дел од мак-ракометот носејќи го дресот на Вардар, за по одисејата во неколку врвни клубови да се врати назад во Скопје, облекувајќи го дресот на Тинекс Пролет.
„Во кариерата минав бројни клубови, играв и во Лисабон, Виена, Белград... но отсекогаш на сите им велев дека Скопје ми остави специјален впечаток и дека еден ден ќе се вратам. Во Вардар минав прекрасни моменти на терен, но истовремено и имав бројни пријатели кои ми го направија тој период од животот незаборавлив. Еден од тие луѓе е Сашо Огњеновски, човекот кој и тогаш беше дел од Тинекс Пролет. Доста беше само еден повик да дојдам, убаво се чувствувам како и пред 10 години во Скопје, тоа е најважно“, вели Пејовиќ.
Црногорецот открива дека трансферот во Тинекс Пролет се должи на едно ветување дадено пред десет години, при заминувањето од мак-ракометот.
„Тоа беше пред десет години, кога заедно со уште еден играч му ветивме на Огњеновски дека ќе дојдеме во Пролет за да го облечеме дресот на овој клуб. Додуша, ветувањето беше дека ќе дојдеме да ги завршиме кариерите овде, но ете се поклопија работите за јас нешто порано да потпишам за клубот. Верувам дека го направив вистинскиот потег“, истакнува Жарко Пејовиќ.
Првите впечатоци за тимот што го има Тинекс Пролет се максимално позитивни.
„Оваа екипа е квалитетна, вредна, го има она што е најважно - сака да работи и да напредува. Има одреден проблем, дали е тоа поради короната или некоја блокада, но мое мислење е дека овој тим има капацитет за многу подобри игри и резултати од она што го прикажува досега. Со второто место го обезбедивме плејофот, но Тинекс Пролет има тим за уште подобар пласман, бидејќи се млади и желни за работа. Ако се продолжи во таков правец, верувам дека може да се очекува да дадеме многу повеќе во следната фаза. Кога ќе кажам многу повеќе не мислам на борба со Вардар и со Еурофарм, кои сепак се друго ниво, но мислам дека Тинекс Пролет може да се носи со сите останати екипи на македонската ракометна сцена“, оптимист е црногорскиот интернационалец.
Минаа десет години од неговите последни настапи во мак-ракометот, а Пејовиќ забележува една клучна разлика.
„Сега сите тренираат ракомет и играат ракомет, тоа е клучната разлика. Не го говорам тоа само за Македонија, туку за цел свет, погледнете ги европските купови или европските и светските шампионати. До пред десетина години се знаеше кој е кој, дури и со втор тим фаворитите ги победуваа аутсајдерите. Однапред се знаеше дека Вардар и Пелистер лесно ќе слават на речиси сите натпревари, без разлика со каков тим ќе настапат. Веќе не е така, сега секој поседува квалитет да земе скалп на фаворит и верувајте кога ви велам дека во плејофот нема да им биде нималку лесно на најдобрите, бидејќи оние послаби екипи ќе сторат се за да дојдат до изненадување, а разликата во квалитет веќе не е така огромна како пред десет години“, тврди Пејовиќ.
А желбата на Тинекс Пролет е во плејофот овој тим да се вмеша во борбата за места кои водат во европските купови.
„Не сакам да звучам премногу самобендисано, но доколку не верував во овој тим, јас немаше ниту да дојдам. Не би играл за екипа што се задоволува само со пласман во плејофот, за потоа да се опушти и да биде последна кога игра со најдобрите. Веќе реков, јас верувам во екипата на Тинекс Пролет, убеден сум дека можеме да играме квалитетно и да победуваме и во следните дуели со најдобрите тимови во мак-ракометот. Бев дел од тој меч со Охрид што го загубивме, можам да кажам дека разликата меѓу нив и нас е минимална. Тие се во серија победи и играат во ритам што тешко дека ќе го задржат, додека од друга страна најдоброто од Тинекс Пролет допрва следи“, порачува за крај Жарко Пејовиќ.