Тинекс Пролет на два меча пред крајот на Супер-лигата ја оствари првично зацртаната цел, обезбедувајќи пласман во плејофот од македонскиот шампионат. Вечерашниот триумф од 27-21 над Радовиш беше доволен за Тинекс Пролет да се зацврсти на втората позиција на табелата, без никаква опасност да биде стигнат од ривалите за влез во плејофот.
Радовишани изненадија со подобра игра во почетните минути, кога гостите поведоа со 0-3. Палевски го постигна првиот гол за домашниот состав со 4. минута, по што Пролет влезе во фуриозна серија од 7-0, вртејќи го резултатот во своја полза. Во овој период одличен беше голманот Петар Ангелов, кој во стартните десет минути веќе собра седум успешни интервенции. Тинекс Пролет го контролираше резултатот до крајот на полувремето, кога гостите го казнија малиот пад во концентрацијата кај нашите ракометари и на одмор се замина со минимални 13-12.
Избраниците на Матлиески го отворија второто полувреме со три гола во серија, период во кој одличен беше Црногорецот Пејовиќ, постигнувајќи пет гола во првите дванаесет минути од полувремето. Удобната предност му овозможи на тренерот Матлиески во финишот да им даде шанса и на дел од помладите ракометари, но тоа не се одрази врз резултатот, па Тинекс Пролет славеше со конечни „плус шест“.
Ангелов собра 16 интервенции за педесетина минути игра (во финишот бранеше Кристо), Пејовиќ беше најефикасен со девет постигнати гола, а по трипати прецизни беа Андоновски, Аларов, Димов и Палевски.