Победа над КЛ7 за реванш и пат кон плејофот (23-20)

Тинекс Пролет славеше со 23-20 на дуелот со КЛ7, реванширајќи му се на скопскиот ривал за поразот во првиот круг од Супер-лигата. Овојпат ракометарите на Пролет одиграа далеку поквалитетно во одбраната, на голот го имаа расположениот Петар Ангелов и на крајот заслужено стигнаа до бодови со кои направија уште еден чекор напред кон место во плејофот. 
 
Од самиот почеток стана јасно дека за разлика од првиот меч овојпат одбраните на двата тима ќе го имаат главниот збор. Се играше цврсто на двете страни, па во првите десет минути беа постигнати само пет погодоци (3-2 за Тинекс Пролет). Првото водство од „плус два“ избраниците на Матлиески го имаа кога Палевски погоди за 4-2 во 15. Минута, по што ваква предност домашниот состав имаше уште неколку пати во текот на полувремето. Ракометарите на КЛ7 не дозволуваа нивниот отпор да биде скршен, стигнуваа до израмнување, за Жарко Пејовиќ со два гола пред крајот на полувремето да донесе минимално водство на Тинекс Пролет од 12-11, резултат со кој се замина на одмор.

Израмнета игра се водеше и во второто полувреме, за Петар Ангелов со неколку успешни интервенции да овозможи нова предност од два гола (16-14). „Диви“ одбрани уште еден пенал при водство од 18-16, но Тинекс Пролет не успеа да се одлепи на уште поубедлива предност. Искусниот голман повторно блесна при 20-18, бранејќи нов седмерец на гостите, па по двата гола на Мајнов на спротивната страна домашниот состав поведе со 21-18 на неполни четири минути до крајот.

Мајнов беше клучен играч во нападот, со својот петти гол во второто полувреме донесе водство од 23-19 и стави печат на победата, на крајот изразена со конечни 23-20.

Доне Мајнов беше најефикасен со шест гола, по четири постигнаа Аларов и Пејовиќ, а трипати прецизен беше Палевски.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид22
2Вардар20
3Е. Пелистер18
4Охрид16
5Бутел12
6Тиквеш11
7Пролет10
8Прилеп9
9Куманово6
10Струга4
11Борец3
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести