Тинекс Пролет импресивно ја стартуваше новата ракометна сезона, лесно и убедливо триумфирајќи на гостувањето против Јуниор КВ со резултат 20-26. Противникот имаше добри резултати во подготвителниот период, но вечерва нашиот тим беше тој што целосно доминираше на теренот, од првата минута наметна силно темпо по што победата беше апсолутно заслужена.
Цврстата одбрана на Тинекс Пролет беше клучен фактор во првото полувреме, кога впрочем и беше осигуран триумфот. Дефанзивната зона на чело со Петар Ангелов на голот функционираше беспрекорно, Јуниор првиот погодок го постигна во петтата минута, а се до 17. Минута Ангелов само двапати ја вадеше топката од мрежата. Во тој период избраниците на Матлиески поведоа со убедливи 2-13, стигнувајќи до двоцифрена предност по неполни 20 минути игра.
Пред крајот на полувремето дојде до мало опуштање во нашите редови, по што домашниот состав влезе во ритам и ја спушти разликата под десет гола, на одмор заминувајќи со резултат 7-15. Удобната предност (во вториот дел имавме и 11-21) овозможи Матлиески да го изротира тимот, но тоа не се одрази врз резултатот, удобната предност беше задржана се до конечните 20-26.
Летното засилување Давор Палевски имаше одлично деби и со седум гола беше најефикасен во овој триумф, пет погодоци постигна Аларов, а по трипати прецизни беа Димов и Мајнов.
Веќе в понеделник Тинекс Пролет ќе го игра првиот домашен натпревар во новата сезона, а за противник ќе го има составот на Астраион од Струмица.