Матлиески: Време за ракомет, пред нас се два тешки месеци

Шефот на стручниот штаб на Тинекс Пролет, Никола Матлиески, е задоволен од сработеното од ракометарите во текот на летните подготовки. Целта на тимот е јасна, добри игри од самиот старт на сезоната и влез во плејофот, за што според новиот систем на натпревари неопходно ќе биде да се влезе меѓу најдобрите три екипи во групата. 

„Можам да кажам дека одработевме квалитетни подготовки. Не беше лесно бидејќи ракометарите беа надвор од ритам по предолгата пауза поради коронавирусот, но со максимално залагање и напорна работа стигнавме до ниво, со кое може да се каже дека сме подготвени за стартот на сезоната. Одигравме квалитетни контролни натпревари и формата ни се движи во нагорна линија, така што со нетрпение го очекуваме почетокот“, вели Матлиески.

Премиерата во новата сезона ќе следи утре, со гостување на градскиот ривал Јуниор Кисела Вода (19 часот), но тренерот на Тинекс Пролет ги предупреди своите избраници дека не смее да дојде до опуштање.

„Јуниор е дебитант во елитното друштво, но дефинитивно е тим што не смее да се потцени. Тие донесоа квалитетни засилувања во текот на летово и ќе бидат незгоден ривал за сите екипи. Ние ќе мораме да одиграме на највисоко ниво доколку сакаме да победиме на овој натпревар и ќе барам максимално залагање од сите ракометари“, истакнува Никола Матлиески.

Тинекс Пролет летово се засили со Дејан Пецаковски и со Давор Палевски, двајца ракометари кои ќе донесат дополнителен квалитет во играта на нашиот клуб.

„Пецаковски и Палевски се квалитетни ракометари кои во текот на подготовките се адаптираа на нашиот стил на игра. Не се сомневам дека ќе ни бидат од огромна помош, но би потенцирал дека во еден пеколен ритам од две средби неделно ќе ни бидат неопходни буквално сите играчи во ростерот, да помогнат секогаш кога ќе добијат шанса бидејќи пред нас се два исклучително тешки месеци“, изјави Матлиески.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид22
2Вардар20
3Е. Пелистер18
4Охрид16
5Бутел12
6Тиквеш11
7Пролет10
8Прилеп9
9Куманово6
10Струга4
11Борец3
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести