Тинекс Пролет триумфираше на последниот контролен натпревар во пресрет на новата сезона, славејќи со убедливи 28-19 над Пелистер 2. Во главна улога беше нашиот голман Петар Ангелов, кој бранеше во голем стил во првото полувреме, кога беше создадена и клучнта разлика.
Тинекс Пролет тргна фуриозно од самиот почеток, а одличната игра во одбраната на чело со извонредниот Ангелов придонесе уште на половина од првото полувреме избраниците на Матлиески да водат со 8-2. Гостите од Битола беа немоќни да фатат резултатски приклучок, па и покрај обидите за камбек на одмор се замина со
„плус шест“ за Тинекс Пролет (14-8).
Домашниот состав продолжи со одлична игра и на почетокот од вториот дел, поведувајќи со 18-9 и јасно ставајќи им до знаење на гостите од Битола дека немаат шанси да стигнат до пресврт. Матлиески до крајот им даде шанса и на неколкуте млади ракометари во нашиот тим, кои ја оправдаа довербата задржувајќи ја позитивата од девет гола до самиот крај и конечните 28-19. Гостите имаа огромни проблеми со реализацијата поради одличниот настап на Ангелов, па не реализираа дури пет седмерци (три одбрани, двапати ја погодија гредата).
Ова беше последен контролен меч за нашиот тим во пресрет на стартот на новата сезона закажан за следниот петок. Тинекс Пролет за ривал во првото коло ќе го има тимот на Јуниор Кисела Вода.