Шефот на стручниот штаб, Никола Матлиески, денеска ја одржа првата прозивка, со што беше означен официјалниот старт на подготовките на Тинекс Пролет за новата натпреварувачка сезона. Откако во изминатите денови се тренираше индивидуално и во мали групи согласно протоколите, Матлиески денеска ги собра на едно место сите ракометари кои ќе ги бранат броите на нашиот клуб во сезоната 2020/21.
Тинекс Пролет од почетокот на оваа сезона се враќа на клупската политика да настапува исклучиво со домашни ракометари. Во тој правец, летово беа ангажирани две засилувања, Дејан Пецаковски и Давор Палески, кои ќе ни бидат од голема помош за остварување на зацртаните цели – освојување на едно од првите три места во групата и влез во плејофот.
По долго размилување, донесена е одлука нашиот тим да не учествува на турнирот во Струга, се со цел здравјето на ракометарите да не се стави во опасност во период на нов бран на коронавирусот во нашата земја.
Тинекс Пролет правиот дел од подготовките ќе го мине во Скопје, по што на 15 август нашиот тим ќе замине на висински подготовки во Маврово.