Долгогодишниот македонски репрезентативец Дејан Пецаковски е најновото засилување на Тинекс Пролет, откако искусниот бек денеска потпиша едногодишен договор со нашиот клуб. Пецаковски доаѓања во Тинекс Пролет од редовите на Металург и сигурно ќе биде значаен адут во остварувањето на зацртаните цели - најпрвин пласман во плејофот, а потоа и атак на местата кои значат учество во европските купови.
„Доаѓам во добро организиран клуб, кој отсекогаш важел за незгоден ривал за фаворитите. Кога и да сум доаѓал овде, дали со Зомимак, Металург или со Вардар, секогаш било тешко да се стигне до бодови против Пролет. Се надевам на успешна сезона во новиот клуб“, истакна Пецаковски.
Раководството на клубот не го крие задоволството по обезбедениот потпис на овој искусен ракометар, кој има и 26 настапи во репрезентативниот дрес. Тој ќе донесе опција плус во нападот, уште поголема цврстина во одбраната, но најмногу од се - победничка атмосфера во тимот.
„Пецаковски ќе биде одлично засилување за нашиот тим. Среќни сме што ќе го имаме во тимот, исклучително е задоволен што потпиша за Тинекс Пролет, покажа желба да стане дел од нашиот клуб. И претходно постоеше интерес, но трансферот реализиран летово е на задоволство на двете страни. Тој е интелигентен ракометари, добро ја следи играта, ја познава лигата и ќе нема никакви проблеми да се адаптира во нашиот тим“, изјави директорот на Тинекс Пролет, Сашо Огњеновски.