Тинекс Пролет го претрпе првиот пораз на третиот одигран контролен натпревар во овој подготвителен период, губејќи на дуелот со Металург (37-26). Тимот од Автокоманда потврди зошто моментно е лидер на суперлигашката табела, нашиот состав резултатски парираше се до петнаесетина минути до крајот, кога „металурзите“ успеаја да стигнат и до двоцифрена предност.
Избраниците на Зоран Кастратовиќ беа подобар ривал во првото полувреме, кога стигнаа и до водство од 20-14. Тинекс Пролет одговори со одлично издание на стартот од второто полувреме, кога експресно ја стопивме предноста на противникот, намалувајќи на 26-25. Тогаш дојде до криза во нападот на Тинекс Пролет, домаќините одлично ги затворија приодите кон сопствениот гол и повторно ја зголемија предноста.
На десетина минути до крајот Матлиески ги повлече од игра стартерите и им даде шанса на помладите ракометари во нашиот табор, по што Металург на крајот стигна до убедлива победа, изразена со 11 гола разлика.