Подготовките на тимот за вториот дел од сезоната минуваат во најдобар ред, а Тинекс Пролет веќе ги одигра и првите две контролни средби, на кои нашата екипа забележа две лесни победи. Своето деби на голот на Тинекс Пролет го имаше и долгогодишниот македонски репрезентативец Петар Ангелов, кој пристигна од Германија и ќе биде значаен адут во борбата за излез во ракометна Европа.
Прв противник на нашиот тим беше Металург 2, суперлигаш што рутински беше совлада со 36-22. Младите избраници на тренерот Котевски само десетина минути му парираа на Тинекс Пролет, потоа тимот на Матлиески целосно ја презеде контролата, ја зголемуваше предноста и на крајот триумфираше со „плус четиринаесет“.
Следен ривал на нашиот состав беше КЛ7, амбициозен состав од Првата лига што беше совладан рутински, со резултат 27-18. Целата работа беше завршена во првото полувреме што Тинекс Пролет го доби со 15-5, а тренерот Матлиески и на двете средби им даде шанса на сите ракометари да ги покажат своите квалитети.
Тинекс Пролет продолжува со подготовките, а нареден ривал во серијата контролни средби ќе ни биде тимот на Металург, меч што е закажан за в среда.