Тинекс Пролет го претрпе третиот овосезонски пораз, губејќи на гостувањето против Металург со убедлив резултат 36-28. Како пресудно се покажа првото полувреме, во кое домашниот тим целосно доминираше, ги казни грешките на ракометарите на Матлиески и стигна до убедлива предност. Поразот од поранешниот првак не е никакво изненадување, но дефинитивно треба да се извлечат поуки за направените грешки да не се повторат во иднина.
Од првата минута стана очигледно дека цврстата одбрана на Металург ќе им создава огромни проблеми на гостинските ракометари. Почетниот погодок на Џонов за 0-1 беше единственото водство на Тинекс Пролет на натпреварот, домашните ракометари набрзина си создадоа предност, а на серијата лесни голови се надоврза и голманот Дупјачанец, кој погоди од својот шестерец за 9-4 на половина од првото полувреме. Тајмаутот на Матлиески не вроди со плод, се редеа лесни голови во нашата мрежа, па во 25. минута домаќинот поведе со 18-8, прво двоцифрено водство на натпреварот.
На одмор се замина со водство на Металург од 20-11, резултат што практично и го реши победникот на овој натпревар. Тинекс Пролет одигра многу подобро во вториот дел, целосно му парираше на фаворитот, пред крајот успеа да ја намали разликата на шест гола (33-27), за на крај конечниот резултат сепак да изнесува „минус осум“.
Иван Џонов повторно беше најефикасен со девет постигнати гола, капитенот Ласко Андоновски постигна шест, а Михаил Аларов пет погодоци на ова тешко гостување.
Серијата натпревари продолжува веќе викендов, кога нашиот тим во нова градска пресметка ќе му гостува на Работнички, в сабота со почеток во 15.30 часот.