Тренерот на Тинекс Пролет, Никола Матлиески, е задоволен од остварениот резултат во првиот круг од Супер-лигата. Во првите девет колa нашиот тим има скор од шест победи, две реми и само еден пораз, наоѓајќи се на четвртото место, кое носи во плејофот.
„Севкупно гледано, морам да бидам задоволен од оствареното во овие први девет натпревари. Треба да се потенцира дека игравме со нешто понамален ростер во однос на минатата сезона, но сепак успеавме да оствариме одлични резултати, да забележиме шест победи и само еден пораз. Генерално, презадоволен сум од пристапот на ракометарите и она што го покажуваат и на тренинзите и на натпреварите. Секогаш се може подобро, верувам дека можеме да напредуваме уште повеќе во одбраната, на што ќе биде ставен акцент во наредниот период“ - најавува Матлиески.
За вториот дел од сезоната се очекува враќањето во тимот на Александар Василевски, кој поради повреда подолго време е надвор од терените, а не се исклучува ниту опцијата за дополнително засилување на играчкиот кадар.
„Василевски е ракометар што е добро запознаен со нашиот систем на игра и што сигурно ќе биде значајно засилување. Во опција се и неколку потенцијални засилувања, моја желба е да доведеме уште двајца нови квалитетни ракометари, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите на пазарот, кој играч ќе биде слободен и дали ќе можеме да го ангажираме. Последниот збор сепак ќе го има управата и главниот спонзор Тинекс, на кој сме ме му благодарни за стабилноста што ја имаме и оваа година како и во минатото“ - вели стратегот на Тинекс Пролет.
Нашиот тим забележа две нерешени средби, дома со Металург и на гостински терен со Пелистер, дуели на кои бевме на чекор до победата, но примивме голови во самата завршница.
„Да бидам искрен, повеќе ме боли ремито со Пелистер бидејќи тоа беше меч на кој важевме за фаворити, бевме блиску до трите бода, но на крајот моравме да се задоволиме само со реми. Бевме на чекор до триумф и против Металург, но тоа беше меч на кој ние бевме блиску до сензација и на крајот освоивме еден „непланиран“ бод, додека со Пелистер загубивме два бода што очекувавме да ги освоиме. Сепак, тоа е составен дел од спортот, за нас е лекција дека мораме да играме максимално буквално до последната секунда на секоја меч“ - истакнува Матлиески.
Борбата продолжува веќе викендов, со гостувањето во Охрид, а крајната цел е јасна - пласман меѓу најдобрите четири тима и влез во плејофот.
„Логично е да се поставува цел пред секоја сезона, таа за нас повторно е иста - влез во плејофот. Секако дека ќе сториме се за да го оствариме тоа, но морам да потенцирам дека тоа сепак не е прашање на живот и смрт за нас. Моја лична работа како тренер е да работам најдобро што можам, да овозможам да се развиваме како екипа со секој следен тренинг, на секој следен натпревар. Верувам дека сме на вистински пат, верувам во квалитетите на нашата екипа и очекувам со добри игри во наредниот период да се задржиме меѓу најдобрите четири тимови во Супер-лигата“ - порачува шефот на стручниот штаб на Тинекс Пролет.