Ракометарите на Тинекс Пролет во одлична тимска атмосфера го дочекуваат денешниот натпревар против Металург (19 часот, сала „Македонско Сонце“) во рамките од третото коло од Супер-лигата. Станува збор за пресметка меѓу две екипи со максимален ефект по почетните две рунди, што е само мотив повеќе за избраниците на Матлиески да се обидат да го земат скалпот на фаворитот не само на овој натпревар, туку и на целокупната Супер-лига.
По извршената видео-анализа на противникот, се „шминкаа“ последните детали од играта на Тинекс Пролет, со надеж дека ќе биде најде начин за триумф над поранешниот првак.
„Стартот е онаков каков што го посакувавме, а почетните победи над Охрид и над Металург2 ја кренаа атмосферата во екипата. Металург е клуб со реноме кој ќе влезе како фаворит на оваа средба, но ние немаме што да загубиме. Мораме да одиграме најдобро што знаеме, да се бориме за секоја топка и доколку ни се укаже шанса да стигнеме до победата“ - истакна Доне Мајнов во пресрет на денешниот меч со „металурзите“.