Тинекс Пролет триумфално ја стартуваше новата суперлигашка сезона откако нашиот тим во дербито на првото коло славеше над Охрид. Цврстата одбрана беше заштитен знак на Тинекс Пролет на отворањето на сезоната, а одличниот тимски пристап е нешто на што тренерот Матлиески ќе инсистира да се задржи и на следните натпревари.
„Охрид се засили со квалитетни ракометари летово, но ние го имаме она што е наш заштитен знак - борбеност и тимска игра. Токму таквиот пристап ни ја донесе победата. Бевме на највисоко ниво во одбраната, се боревме за секоја топка и на крајот заслужено се радувавме на триумфот. Можеби имавме и малку среќа што со Охрид се сретнавме на самиот почеток на сезоната, додека овој тим не е доволно воигран, па ние токму со таа тимска хемија што ја имаме изградено со години дојдовме до посакуваниот резултат“ - истакнува Иван Џонов.
Овој 22-годишен ракометар во голем дел од ланските натпревари настапуваше како лево крило, но по заминувањето на Манасков во Охрид, Џонов сега е прва опција на позицијата лев бек.
„Да бидам искрен, чувствував притисок на самиот почеток од мечот бидејќи одговорноста е поголема. Како што минуваше времето, така и добивав на сигурност, но верувам дека од натпревар во натпревар ќе играм се подобро и подобро и ќе одговорам на очекувањата на стручниот штаб“ - вели Џонов.