Брзата игра и борбеноста пак ќе бидат заштитен знак на Тинекс Пролет

Времето на подготовки заврши, па нашиот тим утре почнува со настап во новата сезона од Супер-лигата, со дуелот на домашен терен против Охрид. Тренерот Матлиески, кој во текот на летото беше дел и од стручниот штаб на младинската репрезентација на Македонија, имаше доволно време за спроведување на новите тактички замисли во Тинекс Пролет. Добро за Пролет е што „костурот“ на тимот останува ист како и во претходните сезони, што дава причина за оптимизам во пресрет на новата сезона.

„Во текот на летото си заминаа неколку ракометари кои имаа улога на стартери, но верувам дека Тинекс Пролет и во новата сезона ќе биде стабилен и силен тим. Амбициите сигурно се влез во плејофот, но мое инсистирање е да се фокусираме само на секој следен натпревар, да одиме чекор по чекор бидејќи тоа е најдобриот начин да ги оствариме зацртаните цели“ – апелира тренерот Никола Матлиески.

Како и во претходните сезони, клубот дава шанса исклучиво на македонски ракометари, а летово на првиот тим се вклучени и најталентираните играчи од младинската школа.

„Тоа е она на што инсистираме како клуб, сите да функционираме, да се подредиме на тимот, а потоа тимот да исфрли на површина поединци кои ќе ги решаваат натпреварите. Можам да кажам дека брзата игра, колективниот пристап, повторно ќе бидат заштитен знак на нашата екипа. Борбеност и мотивираност е она што повторно ќе го барам од моите ракометари, за да функционираме како екипа и да оствариме најдобри можни резултати“ – истакнува шефот на стручниот штаб на Тинекс Пролет.

Кога станува збор за премиерниот меч со Охрид (сабота, 19 часот, сала „Македонско Сонце“), Матлиески улогата на фаворит им ја препушта на гостите.

„Охриѓани сериозно се засилија во текот на летово, доведоа нови ракометари на речиси сите позиции. Затоа и сметам дека тие ќе бидат благи фаворити, но тоа никако не значи дека ние ќе се предадеме. Напротив, верувам дека тимскиот дух и „хемијата“ што нашиот тим ја гради со години ќе помогне да се покажеме во добро светло и новата сезона да ја почнеме онака како што посакуваме, со триумф над директниот ривал во трката за едно од првите четири места на табелата“ – порачува Матлиески.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид22
2Вардар20
3Е. Пелистер18
4Охрид16
5Бутел12
6Тиквеш11
7Пролет10
8Прилеп9
9Куманово6
10Струга4
11Борец3
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести