Тинекс Пролет со пораз ја заврши оваа натпреварувачка сезона откако нашиот тим попладнево загуби со 36-27 на гостувањето против Пелистер. Губењето на шансите за четвртото место и излез во Европа влијаеше врз мотивираноста на денешниот последен натпревар, во кој пресудно се покажа слабото второ полувреме во кое капитулиравме со очајно издание во второто полувреме.
Поголемиот дел од првото полувреме мина во израмнета игра, Пелистер се обидуваше да се одлепи, но Тинекс Пролет експресно стигнуваше до израмнување. Последен пат резултатот беше израмнет со голот на Филип Василевски за 14-14, по што домаќините нешто подобро го завршија полувремето и на одмор заминаа со предност од 17-15. Во вторите 30 минути дојде до огромен пад во играта на Тинекс Пролет, a „пелистерци“ знаеја како да го искористат тоа, се повеќе ја зголемуваа својата предност се до конечните „плус девет“.
Доне Мајнов одигра извонредно со десет гола, Манасков беше стрелец на шест погодоци, а капитенот Ласко Андоновски го заврши мечот со три гола, исто колку и Аларов.
Со овој пораз, Тинекс Пролет ја заврши сезонава на шестото место, со скор од две победи и осум порази во плејофот.