Металург и по третпат сезонава се покажа како пресилен ривал за Тинекс Пролет, откако скопскиот ривал денеска дојде и до најубедливиот триумф над нашиот тим од 41-27. Дуелот од осмото коло во плејофот што почна на пладне во салата „Автокоманда“ мина во апсолутна доминација на домашниот состав, кој мотивиран по триумфот во Купот на Македонија покажа многу повеќе на теренот и заслужено прокнижи нови бодови. Одбраната на Тинекс Пролет беше далеку под посакуваното ниво, а самата бројка од 41 примен гол доволно говори за немоќта да се запрат налетите на „металурзите“.
Тинекс Пролет успеа да парира само во првите петнаесетина минути. Резултатот последен пат беше израмнет при 4-4, а избраниците на Матлиески најблиску се приближија до 9-8. Следеше серија од 4-1 со која Металург поведе со 13-9, за домашните ракометари со фуриозен финиш на полувремето да стигнат до убедлива предност од 20-12. Прашањето на победникот веќе беше решено, но домаќините не запреа со налетот, па во 34. минута стигнаа и до првото двоцифрено водство (24-14). Играта во напад на Металург функционираше беспрекорно, па убедливиот пораз на нашиот тим на крајот беше неизбежен, изразен со конечни 14 гола негатива (41-27).
Ласко Андоновски со девет гола беше единствен расположен за игра во нападот, четири погодоци постигна Филип Василевски, а по три гола постигнаа Мајнов и Дамчевски.