Се е подготвено за новиот предизвик пред нашите ракометари, градското дерби на гостински терен со Бутел (18.30 часот) на кое Тинекс Пролет има можност да направи уште еден значаен чекор напред кон место кое води во европските купови. Ривалот е незгоден, но избраниците на Матлиески покажаа дека знаат како да го совладаат славејќи на единственото досегашно гостување во Бутел со 21-24.
„Знаеме се што треба да се знае за противникот, добро го анализиравме во изминатиот период, напорно трениравме и подготвени сме за овој натпревар. Го победивме во последните две меѓусебни пресметки, што ни ја зголемува самодовербата, иако од друга страна свесни сме дека ривалот не е нималку наивен, составен е од искусни и од квалитетни ракометари. Сметам дека клучна ќе биде нашата одбрана, ако го одиграме тоа на посакуваното ниво и од зоната произлезат лесни голови во нападот, ќе завршиме голем дел од работата во битката за победата. Влогот е голем, но ние сме подготвени за она што следи“ - истакнува Мартин Манасков, еден од најдобрите ракометари на Тинекс Пролет сезонава.
Тинекс Пролет и Бутел се сретнаа во првото коло од плејофот, при што нашиот тим заслужено славеше на домашен терен со резултат 26-23.