Се е подготвено за стартот на вториот дел од сезоната, што нашиот тим го почнува со гостување против градскиот ривал Вардар јуниор (сабота, 12.30 часот). По подготовките што ракометарите под водство на тренерот Матлиески ги минаа во изминатите четириесетина дена, тимот на Тинекс Пролет е подготвен за предизвиците што го очекуваат - во последните четири кола да се осигура едно од првите четири места на табелата кои водат во плејофот.
„Се наоѓаме во подобра ситуација во однос на ривалите, добро ја финиширавме 2018 година и очекувам во ист стил да продолжиме и во 2019. Одиме чекор по чекор, свесни дека се нема право на грешка, но верувам дека местото на Тинекс Пролет е во плејофот“ - изјавува тренерот Матлиески.
Нашата екипа во првиот круг од натпреварувањето лесно го совлада 29-19, но Матлиески ги предупредува своите ракометари дека ќе биде покомпликувано да се стигне до триумф на утрешниот натпревар.
„Добро го познаваме противникот кој никако не смее да биде потценет. Искуството дефинитивно е на наша страна, но ова ќе биде прв натпревар по повеќе од два месеци пауза за нашиот тим, ќе мораме да бидеме внимателни, да дадеме се од себе бидејќи само на тој начин може да се стигне до посакуваниот триумф“ - порачува Матлиески.