Големата победа во Бутел уште повеќе ја подобри атмосферата во таборот на Тинекс Пролет, откако освоените бодови на ова незгодно гостување широко ја отворија вратата кон плејофот за нашиот тим. Еден од клучните играчи во нападот повторно беше Мартин Манасков, кој извонредно го почна натпреварот со пет гола во првите петнаесетина минути, за на крајот да го заврши мечот со седум погодоци зад своето име.
„Не беше планирано да земам толку шутеви од самиот почеток, но така се одвиваше натпреварот, зоната во одбрана на противникот не беше поставена најдобро. Видов простор за шут, влегов во ритам и набрзина постигнав пет гола, со кои одлично го отворивме натпреварот. Апсолутно заслужено победивме во Бутел, а клучен фактор дефинитивно беше мотивацијата. Знаевме што сакаме, одлично се подготвивме на тактички план, а потоа се боревме на теренот за секоја топка, пристап што ни ја донесе оваа значајна победа“ - истакнува Манасков.
За левиот бек ова е втора сезона во дресот на нашиот клуб, каде добива можност и минутажа да ги покаже своите квалитети.
„Годината што изминува дефинитивно ќе ја паметам по убави работи од ракометен аспект. Игравме одлични средби за Пролет и минатата сезона, обезбедивме и учество во европските купови. Годинава исто така играме убав ракомет и се наоѓаме на чекор до плејофот, се надевам дека ќе продолжиме во ист стил и во 2019 година“ - вели Мартин Манасков.
Поврзани вести