Ракометарите на Пролет неславно го завршија првиот настап во ЕХФ купот и се враќаат од Чешка со два порази од Баник Карвина. По вчерашниоит пораз до 26-22, во вториот меч денеска Пролет доживеа вистински потоп и загуби со 32-25 (20-9).
На денешниот меч, во редовите на Пролет ништо не функционираше како што треба. Уште од старт домаќините тргнаа офанзивно и поведоа со 5-2. Одбраната на македонскиот претставник беше немоќна да го сопре налетот на противникот, а под своето ниво денеска беше и голманот Стефан Кимевски. Уште полоша беше ситуацијата во нападот на Пролет. Избраниците на тренерот Никола Матлиески тешко доаѓаа до изградена позција за шут и во првата четвртина имаа постигнато само три гола (8-3). Домаќините ја искористија индиспонираноста на Пролет и го торпедираа голот заверувајќи ја победата и пласманот во следната рунда уште по првите 30 минути со водство од 20-9.
Со ваквата предност, второто полувреме за Баник Карвина беше само рутина и шоу пред домашната публика. Пролет се обиде да го ублажи поразот, одигра за нијанса поефикасно, но до крај не успеа да фати вистински ритам. И понатаму продолжи поразителната игра со многу грешки и промашувања и од чисти ситуации, а одбраната како воопшто и да не постоеше.
Домаќините во последната четвртина влегоа со највисоки +14 (29-15). Во завршните десетина минути, ракометарите на Баник веќе ја славеа победата и го намалија темпото, а Пролет ја зголеми ефикасноста и успеа да ја намали негативата и да се спаси од двоцифрен пораз.
За тимот на Пролет ова беше деби настап во ЕХФ Купот и вкупно четврто учество на европска сцена по претходните три настапи во Челинџ Купот.