Тинекс Пролет забележа рутинска победа од 36-30 на домашен терен против Борец Велес, за експресно враќање на победнички патеки во плејаутот по неочекуваниот пораз од Прилеп минатиот викенд. Нашите ракометари за разлика од тој меч беа беспрекорни во нападот, постигнувајќи 36 гола во натпревар со високо темпо на кој во добро светло се прикажа и младиот голман Марко Трајков.
Пивотот Глигоров ги постигна првите три гола за Тинекс Пролет на овој натпревар, но почетокот мина во знакот на гостинскиот тим. Недоволната агресивност во одбраната им овозможи на велешани лесно да стигнуваат до ситуација за гол, па по дваесетина минути игра имаа предност од 9-12, при што Матлиески беше принуден да побара тајмаут. Советите на тренерот вродија со плод, Пролет беше многу поагресивен во одбраната, што придонесе со лесни голови на Шилегов на спротивната страна експресно да се вратиме во мечот. Трајков имаше неколку одлични интервенции во овој дел од мечот, домашниот состав продолжи да доминира и на одмор замина со водство од 18-15.
Тинекс Пролет беше подобар противник и на стартот од второто полувреме, во кое избраниците на Матлиески имаа по пет гола предност. Падот на концентрацијата во рок од неколку минути им овозможи на гостите да дојдат до еден гол разлика (26-25), но следеше вистински одговор на Тинекс Пролет. Повторно Шилегов беше играчот што ја прекина серијата на велешани, се врати сигурноста во нападот, неколкун пати се одигра квалитетно и во одбрана, па разликата повторно се крена, се до конечните „плус шест“ (36-30).
Шилегов беше прв стрелец во нашиот табор со девет гола, седум постигна пивотот Глигоров, шест пати реализираше капитенот Андоновски, а со пет гола мечот го заврши Доне Мајнов.