Ракометарите на Тинекс Пролет не успеаја да приредат сензација во првата суперлигашка рунда во 2025 година откако по голема борба загубија од Вардар со 29-34. Избраниците на тренерот Матлиески одиграа квалитетно прво полувреме во кое му парираа на големиот фаворит, но не успеаја да го издржат темпото и на крајот претрпеа пораз. Сепак, покажаното издание и карактерот на тимот се најава за уште подобри партии на Тинекс Пролет во наредниот период.
Натпреварот почна со израмнета игра на двете страни, а благодарение на Василевски (три гола во првите девет минути) резултатот на истекот од 10. минута гласеше 5-5. Тогаш дојде до првиот пад во играта на Тинекс Пролет, што гостите знаеја како да го казнат и да поведат со 5-10. Василевски постигна уште еден гол во 14. минута, Вардар делуваше во контрола уште десетина минути, се до финишот на првото полувреме што мина во знакот на Тинекс Пролет. Одбраната на домашниот состав функционираше одлично, во серија голови на спротивната страна влезе Палевски, па на одмор се замина со само еден гол негатива (14-15).
Почетокот на второто полувреме се покажа кобен за нашиот тим, откако Вардар отвори со четири брзи погодоци и повторно поведе со „плус пет“ (14-19). Тинекс Пролет успеа да се консолидира, Матлиески им даде шанса и на дел од новите засилувања кои се запишаа меѓу стрелците, но разликата беше недостижна, па овој натпревар заврши со триумф на Вардар од 29-34.
Стојановски и Палевски беа најефикасни во таборот на Тинекс Пролет со по шест погодоци, четири постигна Василевски (сите во првото полувреме), а со три гола дебито за нашиот клуб го одбележа крилото Стоилевски.