Никола Матлиески од почетокот на оваа година седна на клупата на Тинекс Пролет, откако овој стратег ја прифати понудата да се врати на кормилото на клубот што успешно го водеше до пред неколку години по прераната смрт на нашиот шеф на стручниот штаб, Александар Јовиќ.
„Повторно сум во Пролет, тим што добро го познавам бидејќи со години работев таму до пред извесен период. Имам соработувано со голем дел од ракометарите, имам добри односи со управата и верувам дека постојат предуслови за добри партии и резултати во периодот што следи. Позицијата на табелата во моментов не ни оди во прилог, но се додека има и најмала шанса за пласман во плејофот ние ќе се бориме. Можам да кажам дека со квалитетот пто го поседува и со реномето Пролет заслужува да се бори за висок пласман во плејофот, а доколку не успееме во тоа годината, сигурно ќе ни биде главна цел во наредниот период“, изјави Матлиески.
Тинекс Пролет беше активен во текот на зимава, ангажирајќи петмина нови ракометари во своите редови.
„Требаше да реагираме бидејќи одредени позиции беа дефицитарни, имавме повреда на еден од пивотите, десниот бек Бахар си замина... Затоа и моравме да реагираме на пазарот и да доведеме соодветни засилувања со кои ќе бидеме добро покриени на сите позиции за вториот дел од оваа сезона. Задоволен сум од тимот што го имам на располагање, работевме квалитетно во овој подготвителен период и очекувам тоа да го покажеме на терен во наредните месеци“, вели повратникот на клупата на Тинекс Пролет.
Сезоната во Супер-лигата продолжува денеска, со натпреварот што нашиот тим ќе го игра на домашен терен против Вардар (18 часот, сала „Македонско Сонце“).
„Јасно е кој ќе биде фаворит на овој натпревар, добро познати се квалитетите на Вардар, тим кој и сезонава ќе се бори за титулата. Моја желба е добрата атмосфера и борбеноста што ја прикажувавме за време на подготвителниот период да ја демонстрираме и на овој дуел. Секако дека нема да се откажеме без борба, сакам да покажеме карактер и да се обидеме да му парираме на големиот противник, па ќе видиме каков резултат тоа ќе ни донесе на крајот“, порачува Никола Матлиески.