Репрезентативната пауза заврши, клубовите се враќаат на обврските во Супер-лигата, а пред ракометарите на Тинекс Пролет е голем предизвик, дуел на домашен терен против екипата на Бутел (18.30 часот, сала „Македонско Сонце“). Станува збор за пресметка со директен ривал во трката за место во плејофот, што ќе биде само мотив плус за избраниците на тренерот Алесандар Јовиќ да одиграат одлични 60 минути.
Паузата во последните две седмици беше искористена за кревање на формата во пресрет на наредните дуели, кои ќе бидат од огромно значење за остварување на целта - влез во Топ 6 и во Супер-лигата. Тренерот Јовиќ со голем респект гледа на денешниот противник, очекувајќи квалитетен и неизвесен натпревар.
„Бутел е квалитетна екипа што игра добар ракомет под водство на тренерот Кузманоски. Ги краси цврста одбрана, но опасни се во транзицијата и ќе мораме да бидеме внимателни. Она што ќе биде клучно е како ние ќе одиграме, тренинзите во текот на овој подготвителен период ги работевме квалитетно, очекувам тоа да се преслика и за време на натпреварот. Знаеме колку е важен овој дуел за нас, немаме право на нов „кикс“ и тоа ја прави екипата уште помотивирана. Мораме да сме внимателни, дисциплинирани во нападот, истовремено и цврсти во одбраната. Само со вистински пристап, и тоа во текот на сите 60 минути, можеме да се надеваме на посакуваната победа која би ни била од огромно значење во трката за место во плејофот. Тинекс Пролет и Бутел низ годините развија квалитетно ривалство, дуелите на овие два тима секогаш носат убав, цврст ракомет, очекувам тоа да биде случај и денеска, секако, со наша радост на крајот“, изјави тренерот Александар Јовиќ.