Ракометарите на Тинекс Пролет доживеаја пораз од 32-29 (18-14) на гостувањето од Охрид во 8. коло од Суперлигата на Македонија, во квалитетно издание против фаворизираниот противник.
Максимално борбено, со издание и за позитивен резултат, одиграа избраниците на Александар Јовиќ кои потклекнаа во последните десет минути од мечот кога беше одлучен победникот.
Натпреварот почна максимално израмнето, со игра гол за гол, низ првите 15 минути кога нашите ракометари рутински одржуваа еднаков ритам со фаворизираните домашни ракометари. Се до 20. минута кога Охрид првпат успеа да се одлепи на четири гола разлика, 12-8. Разликата ја одржуваа во продолжението на првото полувреме за предност од 18-14 на паузата.
Второто полувреме Тинекс Пролет го почна извонредно со серија од 0-3, за 18-17. Одличната игра продолжи во континуитет предводена од Палевски и Андоновски, па во 45. минута нашиот тим дојде и до водство од 22-23. Во 49. минута потоа и 24-24, за да следи домашен притисок во последните десет минути, грешки во нападот во нашиот тим кои донесоа до 29-25 за Охрид во 57. минута по што веќе беше јасно дека охриѓани ќе ја однесат победата.
До крајот, без можност за изненадување, за конечна победа на Охрид од 32-29.
Давор Палевски со седум постигнати погодоци беше најдобар поединец во нашиот табор, а шест гола постигна Ласко Андоновски. Александар Василевски запиша четири погодоци, а по два постигнаа Глигоров, Шилегов, Димковски, Мохамед Таоуфик и Стојановски.
Кај охриѓани, Гоце Ојлески со седум гола беше прво име, пред Пешиќ и Јукиќ со по пет погодоци.