Тинекс Пролет стигна до втората суперлигашка победа сезонава откако на домашен терен триумфираше над Куманово со 28-25. Гостите се покажаа како тврд орев, но тимот на Јовиќ покажа и искуство и квалитет кога беше најважно, во последните 15 минути го скрши отпорот на противникот и стигна до заслужена победа.
Куманово беше тимот што подобро го отвори натпреварот, лесно наоѓајќи го патот до мрежата на Тинекс Пролет во раната фаза на мечот. Гостите имаа предност од 2-4, Тинекс Пролет за момент го сврте резултатот во своја полза за предност од 6-5, но кумановци дадоа три гола во низа и при 6-8 го натераа Јовиќ да го земе првиот тајмаут. Бахар погоди за 7-8 и изнуди исклучување, но потоа следеа два примени гола со играч повеќе на теренот.
Кумановци имаа контрола над играта до 9-12, кога Тинекс Пролет конечно ја крена енергијата во одбраната, од тоа произлегоа и лесни голови на спротивната страна и домашниот тим експресно се врати во мечот. Димковски од контранапад израмни на 13-13, една минута подоцна Василевски погоди од девет метри за водство од 14-13, а на одмор се замина со минимално водство на Тинекс Пролет од 16-15.
Домашниот состав го контролираше резултатот на стартот од второто полувреме, водството се движеше меѓу еден и два гола, за Куманово од пенал во 41. минута да израмни на 19-19, по што Јовиќ побара тајмаут. Следеше гол за водство од 20-19, но нешто подоцна и промашен пенал при 20-20. Кумановци за момент поведоа со 20-21, но Тинекс Пролет имаше одговор, благодарение на Стојановски и Палевски го сврте резултатот во своја полза и со предност од 23-21 го принуди гостинскиот тренер да побара тајмаут. Сепак, цврстата одбрана на тимот на Јовиќ продолжи да импресионира, Шилегов и Стојановски биеја прецизно на спротивната страна и Тинекс Пролет стигна до најубедливи четири гола предност (25-21).
Куманово ја преполови негативата на 25-23, по што Јовиќ го зеде последниот тајмаут на натпреварот. Ласко Андоновски одигра капитенски кога беше најважно, погоди за 26-23, а во следниот напад изнуди исклучување од Крстаноски. Шилегов постигна два важни гола во завршницата, со што Тинекс Пролет на крајот заслужено триумфираше со конечни 28-25.
Андреј Стојановски беше најефикасен кај Тинекс Пролет со шест погодоци, по пет постигнаа Василевски, Шилегов и Бахар.