Мохамед Тарик Бахар пристигна во редовите на Тинекс Пролет на позајмица од Вардар, а тунискиот десен бек за кратко време се наметна како еден од клучните ракометари во тимот на Александар Јовиќ.
„За мене многу важно е што се наоѓам во тим каде што играм редовно, каде тренерот и соиграчите веруваат во мене и тоа ми помага уште повеќе да напредувам. Не можам да кажам дека играв лошо на стартот од сезоната, но јас како играч сум таков, секогаш сакам да бидам уште подобар, да напредувам, си поставувам нови цели пред себе и верувам дека на тој начин ќе одам напред во кариерата“, вели Бахар.
Тунискиот интернационалец не крие дека е презадоволен од приемот во новата екипа.
„Имав можност да се запознаам со Тинекс Пролет ланската сезона, кога играв за Вардар и повеќе од 50 минути се мачевме со овој противник и јасно е дека поседува сериозен квалитет. Кога се укажа шанса и кога клубовите се договорија, прифатив без многу дилеми и мислам дека не згрешив. Она што најмногу импресионира кај Пролет е тимскиот дух, сите играчи, тренерите, па дури и управата, тоа е еден вид на семејна атмосфера каква што нема на ниту едно друго место. Иако сум нов играч и странец, од првиот ден бев примен беспрекорно примен и тоа само ми олесна да давам се од себе на теренот“, истакнува тунискиот „бомбардер“.
Почетокот на сезоната на Тинекс Пролет е со ефект една победа, две три и три порази, а Бахар најмногу од се жали за оние загубени бодови на гостувањето во Струга.
„Првите два меча, со Прилеп и со Тиквеш, имавме предност од пет гола, но не успеавме да ги задржиме, на крајот ремизиравме два пати по ред, што е вистинска реткост во ракометот. Она што ме боли мене, а и соиграчите е она што се случи во Струга. Самите сме си виновни, бидејќи не влеговме доволно психички подготвени, верувавме дека веќе сме победиле пред да излеземе на терен. Налетавме на млад и мотивиран тим што знаеше да го казни таквиот наш пристап. Тие загубени бодови се важни, но верувам дека има уште многу да се игра. Зад нас се две тешки средби со Пелистер и Вардар, сега треба да влеземе во победнички ритам, многу е важно да почнеме да победуваме на гостувањата. Верувам во овој тим и дека можеме да стигнеме до плејофот“, оптимист е Бахар.
Квалитетот на лигата е во раст во однос на минатата сезона, а Тунижанецот не крие дека негов фаворит во трката за титулата е Вардар.
„Јас сум играч на Вардар и секако дека би сакал овој тим да се закити со титулата. Играат многу добро од стартот на сезонава без оглед на оној пораз од Алкалоид, но трката за титулата е многу долга. Пелистер е сериозен тим што игра во ЛШ, а мене лично многу ми се допаѓа и проектот на Алкалоид, со голем број на млади и домашни играчи на едно место. Верувам дека трката за титулата ќе биде интересна, а на крајот ќе слави оној кој ќе направи најмалку „киксови“ против останатите екипи. Впрочем, ние со Вардар лани останавме без титулата поради поразот во Кавадарци од Тиквеш“, изјави Бахар.
Според договорот меѓу клубовите, Бахар треба да остане во Тинекс Пролет до крајот на оваа календарска година, но не се исклучува можноста неговиот престој да биде продолжен до крајот на сезоната.
„Договорот што го имаат Вардар и Пролет вели дека јас сум член на овој клуб до крајот на декември. Ако се договорат за продолжување на соработката, јас ќе останам уште неколку месеци, но тоа не е толку важно во моментов. Она што е најважно, јас сум фокусиран само на Тинекс Пролет, сакам да му помогнам на овој тим да оствари што подобри резултати и да стигне до посакуваната цел - пласман во плејофот“, порачува Мохамед Тарик Бахар.