Тинекс Пролет во четвртото коло ја забележа својата прва победа во новата суперлигашка сезона откако на домашен терен го совлада Борец Фрут Ленд со убедливи 30-19. Нашиот тим го покажа своето вистинско лице, имаше цврстина во одбраната, трпение во нападот,а шутерски расположените Бахар и Василевски помогнаа отпорот на противникот да биде скршен рано, па мирно да се влезе во завршницата и да се зголемува убедливата предност.
Почетните минути минаа во нешто послабо издание на Тинекс Пролет, одбраната не беше на посакуваното ниво, а гостите од Велес стигнаа до водствоод 2-4.Штом зоната доби на цврстина во дефанзива, на спротивната страна профункционира и нападот. Мечот последен пат беше израмнет до 5-5, велешани парираа до 8-7 и 9-8, но Тинекс Пролет подобро го финишираше полувремето и на одмор замина со четири гола предност (14-10) по голот што во последните секунди го постигна Стојановски.
Второто полувреме почна во знакот на Тинекс Пролет, нашите ракометари предводени од Бахар и Василевски експресно ја зголемија предноста на 16-10, а како што одминуваше времето така стануваше јасно дека гостите немаат сили ниту да се приближат, камоли целосно да се вратат во мечот. Младиот Стојановски со нови два гола помогна позитивата да скокне на осум гола, а потоа два погодоци врза и Мајнов, за 27-17. Убедливата преднот беше умешно задржана до самиот крај и конечните 30-19.
Бахар со осум гола беше прв стрелец на Тинекс Пролет во овој триумф, Александар Василевски постигна шест, младиот Стојановски четири, а по три постигнаа искусните Ласко Андоновски и Доне Мајнов.