Тинекс Пролет играше нерешено и во вториот овосезонски натпревар од Супер-лигата откако избраниците на Александар Јовиќ по огромна борба ремизираа со Тиквеш (23-23). Исход по кој не може а да не се жали за пропуштената шанса за триумф, ако се знае дека Тинекс Пролет на стартот од второто полувреме имаше и пет гола предност (18-13), но не успеа даго претвори тоа во победа и цел плен.
Капитенот Ласко Андоновски реализираше за почетно водство од 1-0 за Тинекс Пролет, но следеше период на подобра игра на гостите кои презедоа контрола над резултатот. При предност на Тиквеш од 3-6 тренерот Јовиќ побара тајмаут, за момент Тинекс Пролет се стабилизираше и намали на 7-8 преку Андоновски, но следеше нова мини-серија на кавадарчани и нивно водство од 8-11. Токму тогаш избраниците на Јовиќ конечно влегоа во препознатливиот ритам, правејќи фантастична серија, преку Стојановски израмнувајќи на 11-11, за минута подоцна со голот на Василевски домашниот состав и да поведе со 12-11. Тинекс Пролет беше подобар ривал и до крајот на полувремето,на одмор заминувајќи со водство од 15-12 по велемајсторскиот гол што од крило, речиси од мртов агол го постигна Шилегов.
Доброто издание на Пролет продолжи и на стартот од второто полувреме, откако ракометарите на Јовиќ одлично отворија и поведоа со 18-13. Сепак, Тиквеш успеа да се врати, па по неколкуте одбрани на голманот Велков стигна на само еден гол негатива (18-17), принудувајќи го Јовиќ да побара тајмаут. Шилегов со својот петти гол ја прекина мини-серијата на гостите, a при 20-19 во 47. минута на голот на Тинекс Пролет застана искусниот Даскалоски, кој при првата противничка акција веднаш одбрани пенал.
Судиите кренаа тензија во салата откако и во двете наредни акции на гостите досудија пенали за Тиквеш, исклучувајќи го притоа и Стојановски, подарок што кавадарчани знаеја како да го искористат успевајќи да израмнат на 21-21 на нешто повеќе од девет минути до крајот. Следеа минути без гол на двете страни, за Грчевски на почетокот од 25. минута да го побара својот втор тајмаут на натпреварот. Стојчевиќ со блок го запре обидот на Манасков, а Тинекс Пролет во нападот повторно тргна „седум на шест“. Капитенот Андоновски презеде одговорност и погоди за 22-21, а при 22-22 Јовиќ го побара последниот тајмаут на три минути до крајот. Бакар донесе ново водство за Пролет, домаќините потоа не искористија и напад за „плус два“, по што Манасков израмни на 23-23. Тинекс Пролет имаше напад за победа, Василевски погоди, но голот беше поништен поради престап, па Тиквеш ги доби последните 17 секунди за победнички напад. Грчевски зеде тајмаут, одбраната на Пролет заврши одична работа, а следеше гол на Шилегов што сепак беше постигнат по свирежот на сирената, па овој суперинтересен дуел заврши без победник, 23-23.
Бахар со седум гола беше прв стрелец на Тинекс Пролет на овој меч, по пет постигнаа Шилегов и Андоновски, а три Александар Василевски.